СОВРЕМЕНИ ГЛЕДАЊА

ХОРОСКОП КРАЈНИЧКИ

Подготвил: Илија Бошков – Крајнички

Покрај традиционалните и веќе познати гледања на карти, на кафе, на дланка и сл., постојат и современи гледања и толкувања кои на прв поглед изгледаат чудно и невообичаено, но со текот на времето, ако доволно се етаблираат можат да станат класика.

Гледање на радио или ТВ

Останете во тивка соба неколку минути. Сосредоточете се врз вашето прашање. Потоа зададете го на глас и вклучете го радиото.

Првите зборови што ќе ги чуете ќе бидат одговорот на вашето прашање.

Тоа може да биде монолог на водителот или стихови од некоја песна. Вклучете ја вашата фантазија!

За таа цел можете да го искористите и телевизорот.

Гледање на телефон

Замислете си го прашањето, сосредоточете ги мислите врз него. Гледајќи кон телефонот, искажете го на глас.

Ако најпрво заѕвони маж – одговорот е позитивен. Ако е жена – негативен.

Гледање на лифт

Качете се на средниот кат од некоја зграда со лифт. Замислете си ја својата желба.

Почекајте додека некој го повика лифтот.

Ако лифтот тргне нагоре – желбата ќе ви се исполни. Ако тргне надолу – не.

Гледање на компјутер

Седнете спроти мониторот. Од двете страни ставете две запалени свеќи.

Гледајте на средината и кажете: “Љубен мој, сакан мој, покажи се”. Ликот што ќе се појави од длабочината на виртуелното пространство, може и да биде заразен со вируси, затоа погледајте го брзо и веднаш исклучете го компјутерот, за потоа да не си имате проблем.

Може да гледате и на исклучен монитор, со тоа што ќе се загледате во неговата темнина.

Ако видите едни пијани, зачудени очи, не им обрнувајте внимание – тоа сте вие.

Друга варијанта е да влезете во некој фајл со лични имиња. Првото име што ќе ви падне в очи, ќе биде името на вашиот сопруг (сопруга).

Гледање на клавијатура

Поминете со раката преку клавишите и по случаен избор стиснете еден од нив.

Буквата што сте ја притиснале ќе биде почетната буква од името на вашиот маж-жена.

Гледање на маус

(се прави во големо друштво)

Лизнете го маусот по мазна површина. Чиј маус ќе отиде најдалеку – неговиот сопственик ќе биде најбогат.

Споделете
fb-share-icon
Tweet 20