ТАИНСТВЕНИОТ ГРАД НА МУДРЕЦИТЕ
Пишува: Илија Бошков – Крајнички
истина ли е дека во длабочината на Андите се скриени некои научници за да ги одгатнуваат големите тајни на светот?
На 20 јули 1937 година во неразјаснети околности во Италија починал Ѓулелмо Маркони – еден од првите истражувачи на радио брановите и еден од првите научници на светот кои го почнале практичното барање на вонземска интелигенција. Погребот бил само во тесен круг – присуствувале десетмина од неговите најблиски. Според многу историчари, Маркони ја инсценирал својата смрт и тајно ја напуштил Европа. Што било причината за таков крај на биографијата на прославениот научник, носител на нобеловата награда и успешен бизнисмен…
ВО ЛОВ НА УМОВИ
Во текот на 30-те години на 20-от век, светот навлегол во нова епоха: во Третиот Рајх биле реконструирани паганските ритуали за дејствување врз толпата. Древното окултно знаење воскреснало за нов живот во современите лаборатории. Се појавува техномагијата, се судрува енергијата на животот со суровото студенило на машините. Во тоа време е создаден комплексот од институти и лаборатории “Аненербе” (“Наследство на претците”), кои заедно со медицинските експерименти врз живи луѓе и со тестови за определување на расна чистота, се занимавале со проблемите на акумулирањето магиска енергија во технолошки приспособени благородни метали и скапоцени камења. “Аненербе” барал магови и научници коишто се занимавале со древните цивилизации и проучување на психичката енергија.
Освен Германија, во лов на научници се вклучиле СССР и САД. Некои австриски, германски и француски професори, работници во архивите и артисти-парапсихолози исчезнале без трага. Но тоа било само дел од вистината: во број на еден од француските весници од ноември 1957 година се појавува статија во која се раскажувало дека 98 европски научници, меѓу кои биле и Маркони и познатиот италијански физичар Ландини, кон крајот на 30-те години тајно пристигнале во Латинска Америка. Подоцна ним им се приклучиле и други специјалисти од најразлични области на науката, пристигнати од разни страни на светот. Многу од нив биле богати луѓе. Така започнала изградбата на скриен град во кратерот на еден од угаснатите вулкани во подножјето на Андите.
ИСЧЕЗНАТАТА КНИГА
Фантастичната реалност за којашто некогаш раскажувале во своите романи Жил Верн, Херберт Џорџ Велс и други писатели-фантасти, се преобразувала во реалност. Творците на “градот-чудо” станале современи научници-алхемичари меѓу кои се посочува името на Франсоа Леве, кој под псевдонимот Фулканели напишал книга за алхемична трансмутација (преобразба) на елементите – “Готички катедрали”.
Создавачите на градот – научна утопија, се зафатиле со разработка на мотори способни да произведат неограничено количество енергија и со истражување на други тајни на природата. Тие не сакале нивните иновации да се претворат во ново оружје за идната светска војна, па во името на “поддршка на државната безбедност” да треба да ги предаваат сите свои откритија во рацете на воените лица, а самите тие засекогаш да станат заробеници во “златен кафез”. Научниците решиле да се скријат од цивилизираниот свет во тоа с# уште неистражено катче на планетата, каде што засега тоа е можно.
Таква “тера инкогнита” неистражена до крај, но подостапна до Антарктикот, била Латинска Америка.
Во наше време, ниту една тајна во која се посветени илјада луѓе, не може да остане долго тајна. По неколку години излегла книгата за “градот на мудреците” на познатиот француски истражувач и авантурист Роберт Шару. Во “Тајната на Андите” за првпат биле собрани и анализирани сите легенди, коишто се однесуваат на тајниот град, за кој доста се зборувало од Каракас до Сантјаго.
Но и книгата на Шару на некој начин ја споделила судбината на таинствениот град. Таа исчезнала без траги не само од книжарниците, туку и од магацините на неколку централни библиотеки, дел од нив и европски. Во 1998 година на една аукција во Њујорк се појавил примерок на книгата “Тајните на Андите” по цена од 450 долари, но била однесена пред почетокот на аукцијата. Зла судбина, или некој многу сакал напишаното да исчезне без трага?. Но можеби книгата ја одиграла својата улога на загатка-мамец за привлекување на нови и достојни приврзаници во тајниот град?
СВЕДОШТВАТА НА ОЧЕВИДЦИТЕ
Освен книгата, има и многубројни очевидци кои тврдат дека не само што го виделе градот со сопствени очи, туку и дека биле во него. Меѓу нив е и Италијанецот Нарсисо Џеновезе – професор по физика од Калифорнија, којшто воопшто не е наклонет кон мистика. Според него, тој живеел во тој град во 50-те години на минатиот век. Научникот детално го опишал “градот на мудреците”, но притоа категорички одбил да ги соопшти неговите координати. А и понатамошната судбина на професорот е исто така непозната – во седумдесеттите години тој таинствено исчезнал…
Некои познати експерти, според сопствените тврдења посетиле научни конференции организирани во таинствениот град, но самата покана (по добивање на нивната согласност) официјално изгледа како “лечење во зафрлен санаториум” или како аранжман за “романтично патување”.
Оние коишто ги воделе посетителите правеле с# поканетите да не го запомнат патот кон резерватот. Тие што се вратиле, не можеле да ги споделат ниту тајните на загадочните технологии. Каква е смислата тогаш на тие покани? Научниците добиваат право на избор: да продолжат да вршат откритија во првичниот огромен свет, или во тесен круг на истомисленици – посветени…
АНОМАЛНАТА ЗОНА
Според сведоштвата што стигнале до нас, тајното престојувалиште на научниците-отселеници се наоѓа на височина над 4.000 метри во планинските џунгли. Сокриен во густата вегетација и распространет на стотици километри од асфалтните патишта, градот практички е невидлив, а техниката измислена од генијалните научници им дозволува да ги блокираат сите начини за негово откривање со помош на какви и да е уреди за разузнавање, па дури и од космосот. Но, извесни знаци ја потврдуваат реалноста на подземниот град. Научниците од Научно-истражувачкиот институт за биофизика на Чиле, Омар Хозе и Хорхе Милшајн, спроведувајќи истражувања во Андите, се судриле со тешки аномални појави.
Прецизните геофизички апарати откриле електромагнетни бранови и измени во електричното поле чијшто извор се наоѓал длабоко под земја. Официјалниот извештај предаден во институтот, којшто подоцна дошол во рацете на новинарите гласи: “…Вибрациите јасно покажуваат дека на неколку километри од земјината површина се извршува некаква дејност. Променливите електро-бранови посочуваат на присуство на моќни енергии.”
Следната експедиција во таа аномална зона ја организирале чилеанските воени лица со учество на американски експерти. Резултатот останал непознат.
Според сведоштвата на посетителите на тој резерват, неговите жители користат нови, засега за човештвото непознати, извори на енергија, добиени врз основа на примената на необјавувани теории на Маркони и Никола Тесла – творци на принципите и устројствата врз кои е изградена целата современа електротехника.
МАРКОНИ И МУСОЛИНИ
По крајот на Втората светска војна во архивите на италијанската специјална служба била откриена сензационална информација за тоа дека Маркони во 1936 година, малку пред својата смрт-исчезнување, му го демонстрирал на водачот на фашистичка Италија, Бенито Мусолини дејството на загадочната направа – на откриените од него “зраци на смртта”. По неговото вклучување откажале електричните системи на автомобилите што минувале по патот во насока на Милано. Меѓу многуте сведоци на тој настан била и сопругата на Мусолини, Ракел, и тој факт е опишан во нејзината биографија.
Имено, таа загадочна небјаснива појава била основата за филмот “Денот кога се создаваше земјата” снимен дваесеттина години подоцна.
Маркони – еден од најпознатите експерти за радио бранови, носител на Нобеловата награда по физика, разработил и специјална апаратура која требало да ги фаќа – замислете си само! – гласовите на минатото. Римскиот папа Пие Дванаестти посакал да ги чуе последните зборови на Христос на крстот. Маркони бил убеден дека етерските бранови се вечни.
Уште во 1919 година тој изјавил во едно интервју во “Њујорк тајмс”: “Ако пораката испратена пред десет години во вид на радио бранови с# уште не пристигнала до најблиските ѕвезди, зошто кога ќе пристигнат таму наеднаш треба да исчезнат?” Маркони, исто така ја разработил теоријата за антигравитацијата и начините на предавање на енергија без посредници. Многу од неговите идеи и разработки станале основа за тајно оружје.
ТОВАРОТ ИКС
Во статиите на познатиот латиноамерикански историчар Карлос Ривера, објавени во 1969 – 1971 г., се говори за тоа како пред Втората светска војна во пристаништата на Аргентина, Бразил и Уругвај биле растоварани таинствени постројки кои доаѓале од Франција, Италија и Холандија.
Товарите составени од неколку стотини запечатени сандаци, кои во официјалните книги биле опишани како научни постројки за истражување на геомагнетизмот и други параметри на извесни локалитети (некои царински документи се зачувани), после тоа не се нашле во локалните универзитети и лаборатории, туку исчезнале без трага. Фирмата којашто порачала престанала да постои. Нејзиниот генарелен директор Симон де Лил, по потекло Французин, пред да започне со работата таинствено настрадал во автомобилска несреќа во која телото и автомобилот изгореле. Не била извршена специјална истрага, а многу месни архиви биле исчистени од соодветните документи.
ПОДЗЕМНИ МАГИСТРАЛИ
Една тајна раѓа друга – според очевидци кон таинствениот град водат широки подземни магистрали, многу од нив на за нас непознат начин се пробиени во недрата на Андите, зашто според сегашното ниво на градежништво тоа е практично невозможно. При тоа, секој обид да се пробијат основите на јужноамериканските планини дури и во помал обем со помош на денес познатата техника завршувал без успех. А ниту една технологија не дава брз резултат. Таа тајна насочува кон загатката на древниот град Тиауанако, изграден од гигантски блокови – како што гласат легендите на јужноамериканските Индијанци – “од белите богови-дојденци”. Тој град со денес познатата техника не би можел да се изгради.
Но, патот кој води до некој загадочен објект го виделе не само случајни туристи, туку и месните Индијанци. Тие се уверени дека таму живеат “поинакви луѓе” – зашто обичните Европејци, како и самите месни жители, во таква пустелија не се искачуваат. За многумина тие места се табу. При приближувањето кон нив Индијанците покажуваат непријатност и потпирајќи се на своите верувања, откажуваат да бидат водичи дури и за голема награда.
* * *
Се чини затворениот “научен град” во Андите одамна го чека својот час за да ги открие големите тајни. Прашање е само кога ќе се случи тоа?
Споделете