НЕГАТИВНИ СТРАНИ –
НА АСТРОЛОШКИТЕ ЗНАЦИ
Пишува: Илија Бошков – Крајнички
Кога ќе сретнете некоја личност која ви се допаѓа или деловен партнер, ќе се потрудите добро да ја запознаете. При првата средба сите ќе се трудат да се покажат во најдоброто светло. Обично, луѓето ги покажуваат своите најдобри особини, а ретко и своите негативни страни. Какви непријатности можете да доживеете, ако како сопатник на патување добиете, на пример, еден Бик? Или што можете да очекувате кога со некоја Девица делите, на пример, ред за млеко и сл. Своите лоши страни сите се обидуваме да ги сокриеме. Но, понекогаш свесно или несвесно тие излегуваат на површина. А кога тоа ќе се случи, како би требало да се поставиме? Токму поради овие и многу други работи, ќе наведеме некои негативни карактеристики во Зодијакот.
ОВЕН – Како прв знак во Зодијакот, тој симболизира предводник, па најверојатно затоа им е јасно и на врапчињата на гранките, зашто неговото “јас” е на прво место. По природа се арогантни, несвесно можат да ги повредат луѓето, ретко толерираат ако некој погреши и не простуваат лесно. Често тежнееат кон доминација, како соработници на работа можат да бидат многу незгодни, инаку ретко го завршуваат започнатото. Како брачни партнери се љубоморни, лесно можат да ги изнервираат другите, а особено себе и многу брзо го разгоруваат својот оган. Многу се импулсивни, брзоплети и експлозивни.
БИК – Тврдоглавоста на овој знак е на прво место. Понекогаш се доста инертни во извршувањето на своите обврски и работи. Многу се посесивни, но тоа ретко го покажуваат. Материјалисти, парите им се многу важни. Понекогаш може да биде голем егоист. Често се настроени за кавга, и поради тоа можат многу брзо да се изнервираат и да пламнат. Во бесот и лутината способен е да се затвори во себе и тврдоглаво да работи по свое.
БЛИЗНАЦИ – Дволични личности, кои многу ветуваат, но малку од тоа исполнуваат. Им недостасува концентрација и постојано се зафатени со големи работи. Немирни по природа, нивната љубопитност ретко ги задоволува. Истовремено можат да започнат неколку работи одеднаш, а половина од нив, често, остнуваат незавршени. Многу зборуваат, што понекогаш може другите да ги извади од такт. Неуредни се и неверни, но тоа не ги загрижува нив.
РАК – Себичен, ретко има желба да го подели со другите тоа што го има. Брзо се навредуваат, особено ако навредата доаѓа од емотивна страна, а некогаш се повлекуваат во својот оклоп од кој тешко се извлекуваат. Често ги зафаќа летаргија. Постојано се опседнати со совеста и проблемите, склони се кон самосожалување. Мрзеливоста им е негативна особина. Доста претеруваат во пиењето, посебни машките припадници на овој знак.
ЛАВ – Драматичен тип кој е во состојба да направи лудост, само за да го привлече вашето внимание. Сакаат да доминираат, а често во таа своја намера можат да бидат многу сурови. Претенциозни се, постојано се фалат. Понекогаш се однесуваат како деца, а не како возрасни луѓе. Многу се плашат од потсмевот и понижувањето, па затоа често глумат. Суетата и љубомората можат да се наведат како големи мани.
ДЕВИЦА – Често е критички настоена, секогаш е подготвена во секоја прилика да критикува и за најмала ситница. Претераната педантерија често се граничи и со болест. Скептични се, не сакаат критика, напротив можат да бидат иницијатори на тоа. Големо внимание посветуваат на исхраната, хигиената; кога ќе почнат да ве анализираат, ќе ви се крене косата на главата… Но, тоа е посилно од нив.
ТЕРЕЗИЈА – Личностите од овој знак често своите проблеми ги решаат “без проблеми”, на убав начин. Многу се несигурни што може да ги спречи во донесувањето на правилните одлуки. Апатичен тип, често ги зафаќа меланхолично расположение, а често, ни самите не знаат поради што е така. Понекогаш кога ќе наидат на тешкотии, со сите сили се трудат да ги заобиколат. Повеќето во тоа не успеваат. Брзо се лути, понекогаш несвесно може и да навреди. Ако наидат неколку работи одеднаш се двоуми долго, бидејќи с# мора да стави на тас и да измери.
СКОРПИЈА – На прво место, за припадниците на овој знак, може да се каже дека се љубоморни и посесивни, потоа саркастични. Во нивната работа, ако им застанете на плускавец, можат да бидат многу сурови и нетолерантни. Често враќаат мило за драго, сакаат да доминираат. Сакаат да се докажуваат. Приврзани се кон својот партнер, често изигруваат детективи. Нивното, понекогаш, мистично однесување, тешко може да се дешифрира. Кога ќе се изнервираат, стануваат незгодни. Не простуваат навреди, а ни грешки и добро паметат.
СТРЕЛЕЦ – Понекогаш може да биде многу нетрпелив. Често се наметнува, зајадлив е и ироничен. Кога е во свој елемент може, во вистинска смисла, да ве “удави” со разни авантури и да ви раскажува интересни настани. Нетактични се и тврдоглави. Понекогаш знаат да претераат, а понекогаш знаат да се повлечат во себе, но не за долго. Често се однесуваат соодветно на своето расположение, но не соодветно и на ситуациите. Сакаат расправии.
ЈАРЕЦ – Сака да доминира и тоа понекогаш го признава и јавно. Многу им е важен статусот, често се опседнати со проблеми. Често имаат егоистички поглед на животот, и речиси секогаш разумот управува со срцето. Тврдоглави, понекогаш ладнокрвни можат да ве прелажат. Склони се кон расправа и ни малку не се срамат кога ќе ве повредат или кога ќе ви направат нешто лошо. Сакаат своите работи и својата професија да ги ставаат во преден план, а неретко се служат и со махинации, само за да имаат успех во работата.
ВОДОЛИЈА – Срамежлива, често и без потреба. Безлична, но непредвидлива, брзо може да се одлучи за флертување. Ладнокрвна, често ја покажува својата егоцентричност. Ги заморуваат детали, па немојте многу да се трудите да им објаснувате. Крути, бунтовни често настроени кон кавга. Тешко може да се фати во мрежата на бракот, од тоа бегаат како ѓавол од крст. Но, кога ќе најдат сродна душа, можно е и да тргнат во тој свет на лудории, како што тие велат за бракот.
РИБИ – Со својот песимистички поглед кон светот, често се несфатени од околината. Во нивните очи често може да се забележи блага меланхолија. Срамежливи се, па затоа во многу ситуации, се повлечени. Непрактични, што може да им зададе многу проблеми во секојдневниот живот. Својата романтика понекогаш не знаат да ја искажат на вистинскиот начин.
Споделете