БАКАРНИОТ САД НА СОЛОМОН
ХОРОСКОП КРАЈНИЧКИ
Пишува: Илија Бошков – Крајнички
Познато е дека Соломон, освен волшебен клуч, имал и магичен прстен кој што му давал сила и власт над ангелите, демоните и природните стихии.
Од страв да не биде надитрен со помош на магии и волшебства, ги повикал кај себе во дворецот седумдесет и двата главни демони и ги внесол во специјално приготвен бакарен сад. По негова заповед, запечатениот сад бил фрлен во длабоко езеро со надеж дека така луѓето засекогаш ќе се спасат од демоните.
Меѓутоа среќата што го штитела, му свртела грб. Според една од легендите, жителите на Вавилон подоцна сметале дека во садот има големо богатство. Кога го извадиле и го отвориле, слично на кутијата од Пандора, седумдесет и двата демони излегле и повторно се раштркале меѓу луѓето. Само Велијар, моќниот сојузник на Сатана и демон на лагата се пикнал во една статуа и оттаму, при принесувањата жртви им ја претскажувал иднината на обичните смртници.
Постојат многу верувања поврзани со моќните демони Ваал, Агварес, Барбатос и Амон. Но, и второстепените демони имаат моќ да ги заведуваат и да ги лажат смртните луѓе. Еве неколку од нив:
Марбас има лик на лав кој реве, но по волја на маѓепсникот може да има и човечки облик. Човекот што потпаднал под негова власт може да си го смени изгледот. Марбас има моќи да прави и да разбира црни магии.
Ситри има глава на леопард и крилја на змеј. Во хиерархијата тој е кнез. Го стимулира сексуалниот нагон и ги тера жените да одат голи.
Гомори е голем херцог) и секогаш пред жртвите се појавува како прекрасна млада жена која што јава камила и носи круна на главата. Неговата специјалност е соблазнување и водење кон разврат жени, особено девојки.
Лараје има благородничка титула маркиз. Претставен е како стрелец со лак и со остри стрели, облечен во зелена туника.Тој предизвикува кавги, тепачки, па дури и војни, и секогаш се стреми омразените жестоко да се повредуваат и да си нанесуваат ужасно болни рани.
Гласиалабалос личи на куче со крилја . Тој ги поттикнува луѓето кон крвави кавги и убиства. Во своето слободно време тој ги поддучува демоните како луѓето што се под нивна власт да ги направат невидливи.
Каим првично се претставува како ќос човек, но потоа се преобразува во човек со остар меч. Некогаш бил ангел. На прашањата одговара заплеткано. Знае да го одгатнува јазикот на птиците, животните, кучешкото лаење и роморот на петелот.
Слично на злите духови од кутијата на Пандора, демоните и понатаму ги заведуваат и повредуваат луѓето.
Споделете