Живот после животот
ХОРОСКОП КРАЈНИЧКИ
Пишува: Илија Бошков – Крајнички
Секому му е судено, порано или подоцна, да се раздели од животот. Но што не очекува од другата страна?
Дали умирајќи зад себе оставаме само труп?
Можеби некаква честичка од нашето суштество сепак продолжува да живее?
Што ја определува понатамошната судбина на душата?
Големиот закон на реинкарнацијата?
Во тој случај, сите наши денешни слабости и добродетели не се ништо друго освен подготовка за она што н# очекува во иднината.
Да допуштиме дека надминувајќи ја бариерата на смртта, ние се појавуваме на различен астрален план… а после тоа што?
Нели ќе дојде и нашиот момент да бараме контакт со оние коишто ќе не сменат тука, во материјалниот свет?
Има ли задгобен живот – тоа е вечното прашање кое се поставува се понастојчиво.
Ако не, тогаш како да ги објасниме појавите, од време – на време, на “духови” и “призраци” чие однесување не е сообразно со нам познатите природни закони?
И што со таинствениот разум кој, од време – на време, на човештвото му предава информации, и коишто пристигнуваат до нас исклучиво по природен пат?
Историјата одбележала многу чудни случаи кога некакво “видение” се појавува за да ги предупреди луѓето за катастрофата што претстои, или ја претскажува смртта на оној којшто имал несреќа тоа да го види.
ВОЗНЕМИРУВАЧКИ ЗНАЦИ
Ова се случило во Англија кон средината на минатиот век. По селскиот пат чекори десетгодишно девојче. Наеднаш се случува нешто необјасниво: пејсажот пред неа во миг се менува и таа јасно се гледа себеси во Белата соба – така ја нарекувале спалната – а на подот лежи беживотното тело на нејзината мајка.
По неколку минути таа необично силна слика бавно се растура во воздухот. Ликот на мајката којашто умира бил толку реален, што ќерката со сите сили јурнала кон семејниот лекар.
Двајцата тргнуваат кон куќата, заедно со вознемирениот татко ја отвораат вратата на Белата соба… и ја гледаат мајката како лежи на подот.
Се покажало дека жената добила срцев удар и само ненадејната појава на лекарот го спасила нејзиниот живот.
На каков начин во минутите на кризата, наоѓајќи се на прагот на смртта, жената успеала да испрати сигнал на ќерка си за несреќата?
ПОЛТЕРГЕЈСТ
Од сите необјасниви појави поврзани со влијанието на отадниот свет, полтергејстот е најдостапен за научна анализа – во секој случај тој од никого не ги крие своите пакости. Но, што ни е познато за оваа појава?
Овој термин се однесува на феноменот кој вклучува:
а) појава на необичен шум – потчукнување, тропање итн.
б) придвижување на предмети коешто не може да биде објаснето со дејствувањето на за науката познатите физички сили.
Историјата на полтергестот има корени далеку во минатото. Уште во 365-та година од нашата ера бил опишан необичен случај во германското гратче Биген на Рајна, при што невидлива сила фрлала камења, ги туркала луѓето од нивните кревети, а на улиците тропала, трештела и удирала на барабан.
Оттогаш слични појави често се забележани во разни делови од светот.
Познатиот парапсихолог Хејворд Карингтон во книгата “Приказна за полтергејстите” опишал и анализирал 375 случаи на тој паранормален феномен.
Откако разобличил 29 примери на “чиста” измама и оставил под сомнение 19 приказни, тој дошол до заклучок дека останатите 323 случаи се вистинити и не можат да бидат објаснети со дејствување на некои овоземни фактори.
ПОСМРТНО ВИДЕНИЕ
Психокинезата е каприциозна и агресивна сила (полтергејстот можеби е нејзиното вистинско лице), но понекогаш таа се однесува целосно мирољубиво.
Како пример за тоа може да ни послужи следнава приказна.
Настанот се случил во 1964 година во една автомобилска фабрика во Детроит, кога за време на пауазата за ручек некој случајно ја вклучил ковачката машина. Наеднаш, пред очите на сите, од под грдосијата од машина истрчал еден работник, без ни најмала повреда.
По неколку минути, откако се средил од шокот, тој раскажал неверојатни нешта: во последен момент пред него се појавил некој црнец со белези по лицето, во работничко одело и со силен удар го истуркал од под машината.
Работникот никогаш пред тоа не го сретнал својот колега, но ветераните во фабриката се потсетиле за кого станува збор.
Во 1944 година на истото место загинал работникот на машината којшто точно одговарал на дадениот опис.
“Кој сака , нека верува, но за мене тој човек сега е пожив од живите – изјавил монтерот кој едвај поверувал во чудесното спсување – Дај боже, секој да има таква сила!
Од неговиот удар јас летнав како перце. Никогаш не сум верувал во такви приказни, но ако тоа бил дух, му се поклонувам до земја…”
И така, фактите сведочат дека способноста да гледаме духови на починати или да го чувствуваме нивното присуство, ако не целосно, тогаш делумно го должиме на целосно реалната “психичка трага”, оставена некогаш во овој свет од покојникот, бидејќи животот на душата продолжува и по смртта на физичкото тело.
Според каноните на хиндуизмот, човечкиот дух е одраз на големата вселенска душа и крајната цел на неговиот развој е во слевањето со врвната божествена суштина.
Патот кон тоа единство минува низ серија на реинкарнации.
Следбениците на хиндуизмот знаат дека патот на душата во овој свет е определен од законите на кармата и прави се за да се подобри.
Христијанството секогаш му посветувало сериозно внимание на прашањето за посмртниот живот на душата, централно место во христијанското учење зазема Воскреснувањето на Христос, кој на своите следбеници им ветил дека “ќе воскреснат од прав и ќе живеат вечно”.
Но кога станува збор за конкретни форми на задгробен живот, учените теолози обично ги избегнуваат директните одговори.
“Смртта е чекор кон лицето на Севишниот.” – ќе кажат тие.
Со други зборови, христијанската доктрина предлага тивко да се подготвуваме за задгробниот живот, без да ги валкаме умовите со празни размислувања за тоа што конкретно се случува после смртта.